Потпишан Меморандум за соработка

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија потпиша Меморандум за соработка со четири научно-стручни организации – Друштвото на градежни конструктори, Друштвото за патишта, Друштвото за геотехника и Здружението „Македонски комитет за големи брани“ со цел започнување на продлабочена соработка меѓу научно-истражувачкиот и реалниот градежен сектор и со заложби за поттикнување на конкурентноста на градежните компании.

Претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, Андреа Серафимовски, информираше дека Здружението обединува компании од повеќе дејности (градежништво, просторно планирање, урбанизам и проектирање, завршни работи во градежништвото, индустрија на градежни материјали, експлоатација и преработка на неметални суровини) и располага со значителен потенцијал и висококвалификувани кадровски капацитети.

-Во следниот период Здружението има за цел да претставува мост помеѓу научно-истражувачкиот и реалниот сектор, со цел да се обезбеди научно–истражувачки пристап во решавањето на проблемите на компаниите. Потпишувањето на Меморандумот е само почетна активност на која планираме да се надоврзат серија активности кои се од заеднички интерес за членките на страните – потписнички на Меморандумот – организирање работилници, тркалезни маси, стручни предавања, симпозиуми и советувања, подготовка и размена на стручни информации, како и консултација помеѓу страните за теми и прашања од интерес за членките, сите со единствена цел – научно-истражувачката дејност да биде ставена во функција на стопанството, – нагласи Серафимовски.

Проф. д-р Мери Цветковска, претседател на Друштвото на градежните конструктори, истакна дека соработката со Здружението се случува во вистинско време, со оглед дека државата е во фаза на усвојување на еврокодовите како технички прописи и стандарди од Европската унија за проектирање и градење на сите видови градежни конструкции по што ќе следи имплементација на истите како дел од обврските за членство во Унијата. За таа цел, претстојат бројни семинари, обуки и симпозиуми на научно-стручните асоцијации и бизнис-заедницата, како најзасегнати од примената на еврокодовите, – посочи проф. д-р Цветковска.

Претседателот на Здружението „Македонски комитет за големи брани“ (ЗМКГБ), проф. д-р Љупчо Петковски, информираше дека ЗМКГБ е еден од стожерите на хидротехниката во земјата и полноправен член на Меѓународната комисија за големи брани, кое досега има организирано бројни научни собири кои претставуваат форуми за трансфер на знаење и размена на искуства во рамки на струката. Во таа насока ја поздрави иницијативата на Здружението и изрази подготвеност здруженијата преку заеднички активности да придонесат во натамошно унапредување на хидроградбата.

-Последниве години нашата држава е во континуиран инвестициски циклус, особено во делот на инфраструктурата, кој се надеваме да продолжи и да се развива во следниот период, а од заедничката соработка очекуваме да произлезат конкретни сознанија и придобивки кои ќе го подобрат квалитетот во изградбата на патиштата, – истакна проф. д-р Горан Мијоски, претседател на Друштвото за патишта, осврнувајќи се на целите и приоритетите од соработката.

Д-р Драган Димитриевски, потпретседател на Друштвото за геотехника, нагласи дека Друштвото изминатите години има поминато серија на научно-истражувачки настани и располага со значајни експертски капацитети кои се подготвени да бидат ангажирани и ставени во функција на стопанството.

Страните – потписнички на Меморандумот изразија подготвеност за долготрајна и продуктивна соработка и ги охрабрија компаниите да информираат за сите тековни прашања и иницијативи кои секаде каде што постои простор ќе бидат споделувани и решавани во заеднички консултации на бизнис-заедницата со научно-истражувачките организации.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *