Набргу по основањето во 1998 год., Друштвото за геотехника на Македонија (ДГМ) (Macedonian Association for Geotechnics – MAG) станува членка на Меѓународното друштво за механика на почви и геотехничко инженерство (ISSMGE), додека во 2017 год. станува дел и од Меѓународното друштво за механика на карпи и инженерство во карпи (ISRM).

Оттогаш, ДГМ е мошне активнo, организирајќи симпозиуми во 2002, 2006, 2010 и 2014 година, на кои континуирано е забележуван раст на учество на колеги од регионот. Паралелно, ним им се даваат и пошироки атрибути, преку формирање на меѓународни научни комитети и поканување на реномирани гости од странство за предавачи. Во меѓувреме, во 2008 година беше организиран и семинар за Еврокод 7 и Еврокод 8 поддржан од ISSMGE. Како резултат на оваа прогресивна работа, на ДГМ му беше доверено да биде домаќин на 16-тата Подунавско-европска конференција за геотехничко инженерство (DECGE) во 2018 год., како и на семинар за ризици во коорганизација со Меѓународното друштво за тунелоградба и подземен простор (ITA), во која пригода гости беа и претседателствата на ISSMGE и ITA. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка со сестринските друштва во државите произлезени од СФРЈ, се започна и серијата на регионални настани. Така, Петтиот симпозиум на ДГМ одржан во 2022 год., кој го доби звањето на Специјализирана конференција на ISRM, воедно претставуваше и Втора конференција на регионалните геотехнички друштва, поради што беше поддржан и од ISSMGE, па предавачи беа и двајцата претседатели на матичните меѓународни друштва.

Во меѓувреме, ДГМ редовно организира обуки, семинари, предавања и гостувања за членството, дел од кои во соработка со Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија и сродните друштва од Македонија.

Согласно статутарните заложби, ДГМ се обидува да го задржи интересот кај младите за геотехниката, преку поддржување на нивното делување, како и покривање на школарините за студенти при студиската програма за геотехника на I и II циклус на студии. За тоа заслуга има и Одделението на млади геотехнички инженери при ДГМ.

Во 2023 год., ДГМ потпиша Меморандум за разбирање со друштвата за геотехника на Казахстан и Ирак, со кои беше коорганизатор на меѓународна конференција во 2024 год. Тоа лето, ДГМ беше и домаќин на успешната 28-ма Европска конференција за млади геотехнички инженери.

Како резултат на повеќеслојната, континуирана, посветена и сестрана работа, ДГМ ја понесе престижната награда за Најактивно друштво при ISRM во периодот 2021-2023 год.

Негувањето на соработката со кровните меѓународни асоцијации ISSMGE и ISRM се одвива континуирано и взаемно, благодарение на што проф. Милорад Јовановски, поранешен претседател на ДГМ, беше назначен за потпретседател на ISRM во мандатен период 2023-2027, а во јануари 2025 год. во Скопје се одржа Петтото собрание на друштвата од Европа при ISSMGE.

Во претстојниот период на ДГМ му следат нови предизвици, како што се организирање на Европската конференција за механика на карпи EUROCK во 2026, Регионалниот симпозиум за свлечишта во јадранско-балкански регион во 2027 год. и на 9-тата Меѓународна конференција за земјотресно геотехничко инженерство во 2029 год.

Партнери

Новости